“Учителот влијае вечно, бидејќи, никогаш не сe знае кога неговото влијание ќе запре.“
Мич Елбом

Животот е чудесна патека по која секој чекори на свој, сопствен начин. Спомените за изминатиот дел од животот кај секого будат различни чувства. Но, спомените од детството скоро секогаш ги растреперуваат нашите срца и мамат нежна, топла насмевка на нашите лица. А, на училишните денови и на доживувањата од тој период најчесто се навраќаме…

Со мојот сограѓанин Никола Нанески, попознат како Кољо Комитот, се познавам многу одамна. Динамичен, постојано во движење, пешки или со велосипед, Комитот го среќавам многу често. Во последниве неколку години тој покажуваше необично голем интерес за мојата блиска роднина, учителката во пензија Пандора Карадимче. Од разговорите дознав дека таа била неговата учителка во Основното училиште ”Григор Прличев” во Охрид. Тоа го асоцираше на детството, на училишните денови, на младоста… И секоја наша средба завршуваше со неговиот топол поздрав до драгата учителка и нескриена желба да се сретне со неа. Мојата стрина, учителката Пандора, последните неколку години, со своето семејство во зимскиот период живееше во Скопје, па некако не успеавме да оствариме непосредна средба меѓу УЧИТЕЛКАТА и УЧЕНИКОТ. И покрај тоа што таа имаше добро здравје, Пандора Карадимче, по сосема кратко боледување, почина во февруари 2015 година, на 86 годишна возраст. За жал, планираната средба не се реализира… Никола и оддаде достојна почит на својата прва учителка, а од нејзините најблиски побара да му овозможат да ”ѕирне” во албумот со фотографии што таа, како вреден просветен работник, со децении педантно го уредувала и љубоморно го чувала. Семејството, минатото лето, топло го пречека Никола во нивниот дом во Охрид. Учителката Пандора физички ја немаше, но низ многубројните црно-бели фотографии како таа да нѐ водеше низ сопствената релативно долга животна и интересна професионална патека…


Кољо Комитот – потомок на војводата Лука Групчев, од страна на мајката
и внук на неколку генерации комити по линија на таткото, во домот на Учителката 

Пандора Ацеска потекнува од скромно, повеќечлено семејство од Прилеп. Имала две сестри и двајца браќа. Нивната мајка била умна и вредна жена која настојувала сите деца да се школуваат. Во далечната 1946 година младата Пандора тргнала по стапките на постарата сестра Даница и се запишала во втората генерација на Учителската школа за народни учители во Скопје. Кога го завршила школувањето ја распределиле да предава во училиштето во селото Црнилиште, а подоцна во селото Стровија. Во периодот по Втората светска војна, во Македонија немало доволно наставен кадар, па била испратена во Скопје да се дообразува за да може да предава и рускиот јазик. Веднаш потоа била ангажирана во својот град Прилеп да предава руски јазик, прво во Осмолетката “Добре Јованоски”, а потоа во Основното училиште ”Кочо Рацин” … 


Фотографија од 1952 година, младата Пандора како одделенски раководител
(класна) во Основното училиште ”Кочо Рацин” во Прилеп

Откога во 1955 година се омажила за охриѓанецот Петар Карадимче, дошла да живее во Охрид. Осмолетката “Григор Прличев” широко ги отвори вратите за веќе искусниот просветен работник Пандора Ацеска Карадимче. Вредно описменуваше, воспитуваше, едуцираше повеќе генерации ученици од прво до четврто одделение. Како просветен работник посветено работеше до 1982 година кога беше испратена во пензија. Таа е дел од плејадата повоени учители, наставници и професори за кои просветителската работа, многу често, беше пред приватниот живот и семејството.


Маскенбал по улиците на Охрид, април 1957 година (ул. ”Димитар Влахов”),
учителката Пандора со своето одделение. Никола бил облечен со “џубето” од баба му 


Спомен од учебната 1956/1957 година – со првоодделенците во дворот на охридската Гимназија
(наставата за основците од овој реон на градот неколку години се изведувала во Гимназијата) 


Јуни 1960 .-последна фотографија со саканата учителка. Никола со своите соученици на крајот од 4 одд. 
(наставата се изведуваше и во адаптираните простории на Хотелот “Турист” на Кејот на Езерото)

Учителката Пандора, многу наши сограѓани ја поврзуваат со нејзината колешка Георгина Попоска. Заедно со учителката Голабе Илоска и колегите Ванчо Спироски и Томе Чингоски, припаѓаа на ист актив. Тоа значи дека подолг период ”воделе” иста генерација ученици.

Учителката Георгина Попоска, живо се сеќава на тоа време: “ Со мојата колешка Пандора одлично соработувавме. Заедно ги подготвувавме наставните содржини, заедно ги разработувавме новите програми, заедно ги планиравме писмените задачи, приредбите, излетите во природа… Заедно бевме и пофалувани.. Пандора беше одличен педагог, совесна и темелна учителка, тактичен воспитувач. Несебичната соработката во училиштето многу лесно прерасна во искрено семејно пријателство. Дури и во пензија не испратија заедно… Но, тогаш нашето пријателство уште повеќе се зацврсна… Пандора беше солидна личност, добра сопруга, прекрасна мајка, свекрва и баба…”


Колегијалност за пример што лесно премина во искрено, долго и цврсто пријателство 
Учителките Пандора и Георгина


Една од последните фотографии со колегите од активот и со директорот Војде Илоски 


Учителката Пандора со своите”последни ученички”: внуките Зарина, Стефанија и Михаела 

Долго размислував дали оваа вистинска приказна да ја споделам со поширок аудиториум, или да остане само како драг спомен во кругот на семејството. Пред извесно време, сосема случајно, в раце ми се најде “Најголемата лекција на животот“ (“Tuesdays with Morie, an old man, a young man, and life`s greatest lesson”од популарниот американски писател Мич Елбом (Mitch Albom). Во ова дело, на оригинален начин, авторот ја опишал нераскинливата поврзаност на СТУДЕНТОТ и ПРОФЕСОРОТ, која продолжила и по завршување на студиите на младиот Мич. Подоцнежните средби биле покрај болничкиот кревет на тешко болниот професор, но никако не биле помалку квалитетни и корисни. На последните страници од делото пишува:

”Дали некогаш сте имале вистински професор? Таков кој во вас гледал како на суровина, но драгоцена, бисер кој со мудрост може да се избруси до врвен сјај? Ако сте ја имале таа среќа да наидете на такви професори, секогаш ќе можете да им се вратите. Некогаш само во мислите…“

Во пресрет на прославите на матури, полуматури, годишнини на матури, да се потсетиме на нашите драги учители и учителки, наставници и професори и барем во мислите да им оддадеме достојна почит.

Виолета Карадимче Јанева

Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив