Основното училиште „Григор Прличев“ во пресрет на празниците изгледа како прекрасно спакувано новогодишно пакетче со пореубави детали кои го одземаат здивот.

Бајковитата атмосфера во училиштето е дело на учениците и нивните родители кои изминатиот период заеднички работеа во рамки на „Новогодишната викенд работилница, во својот дом“, на тема „Писмото до Дедо Мраз“ и „Снегулка што среќа носи“, како дел од програмата во вакви вонредни услови на Советот на родители, по иницијатива на претседателот на Совет на родители на ООУ “Григор Прличев” Охрид, Сашко Георгиески.

Родителите и децата, со полна пареа твореа, изработуваа и креираа новогодишни украси со кои потоа низ двете тематски приказни училиштето доби празничен сјај.

Проектот ги опфати учениците кои посетуваат настава со физичко присуство од I, II и III одделение.

Беа декорирани ходниците од првиот и вториот кат и истите преку вредните раце на креативците, добија друга димензија на вистинска бајка.

Пораката е јасна: „ Да се радуваме и кога ни е најтешко и тогаш кога мислиме дека е сивило и темно… Светлината од Новогодишната магија на сите ученици од нашето училиште и тоа особено во ова време – невреме нека им донесе здравје и среќа, со желба побрзо да помине ова премрежје и следната 2021 да започне со убавини, радости и нови успеси ” – велат од Советот на родители на ова училиште.

Кога овој магичен триаголник на соработка : училиште – ученици – родители функционира во својот најблескав сјај, неизбежни се овие мигови… велат креативците од ОУ „Григор Прличев“.

OhridNews