Училиштата во Охрид подготвени за почетокот на новата учебна година, која ќе започне на 1 септември.

Согласно добиениот план за одржување настава во основните и средните училишта во учебната 2021/22 година, училиштата во општина Охрид се целосно подготвени за започнување на наставата по сите предвидени модели на настава, со физичко присуство, комбиниран модел како и за „online“ настава, велат од секторот за образование во општина Охрид.

Училиштата се снабдени со дезинфекциони средства согласно протоколите, а за изведување на наставата училиштата во изминатиот период беа технички опремени со нови компјутери и беше поставена нова мрежа со подобар интернет.

Во однос на новата концепција на наставата од IV одделение, во текот на летниот период сите наставници имаа обуки за изведување на наставата по новиот концепт за учебната 2021/22 год. Од страна на МОН во текот на оваа недела училиштата се снабдуваат со таблети за изведување на наставата од IV одделение, така да би биле подготвени и за настава со дигиталниот учебник по природни науки, додаваат од секторот за образование.

Општина Охрид е во фаза на набавка на нагледни средства согласно новиот концепт за образование за I и IV одделение во вредност од 3 милиони денари.

Н.С.Ј.