Според најавите на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, Македонија наскоро ќе стане светски лидер по бројот на компјутери во образовниот процес. Во последниот извештај на Обединетите нации предводник во светот е Шведска со 3:1 сооднос на ученик-компјутер, но со набавка на дополнителен број компјутери во септември Македонија ќе стане лидер во светот со сооднос 1,4:1, истакна министерот Ивановски.
Учесниците на ИКТ конференцијата во посета на О.У. „Св. Климент Охридски“
– Бенефитот од реализацијата на овој проект ќе се идентификува по 5, 6 или повеќе години, откако една генерација ќе помине половина од своето образование користејќи го компјутерот. И можеби ќе биде потребно време да се смени секојдневната навика и културата на директно инволвираните странки и по цена на целосна амортизација на постоечката опрема. Но, напредокот кој што ќе се постигне во капацитетот кај идните млади генерации, е инвестиција што ќе создаде економија базирана на знаење и можности, рече министерот Ивановски.
На првата Лидерска конференција за ИКТ во образованието 2010, што во организација на министерствата за информатичко општество и за образование и наука на Република Македонија, под покровителство на Интел, се одржува во Охрид, учествуваат повеќе од 120 експерти по информатичка технологија од 20 држави од светот.