„Да го чуваме, негуваме и сакаме мајчиниот јазик“ била насловена трибината која се одржала во ОУТУ „Ванчо Питошески“, по повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Освен трибината, во организација на Средношколската младинска организација бил прикажан документарен филм за Кирилицата и Словенската писменост во Македонија: „Кирилицата по врвицата на словенската писмена традиција во Македонија“ и се одржало поетско читање.
-Главна цел на ова одбележување е да се подигне свеста кај младите и идни генерации за употреба на македонскиот литературен јазик, како и да се укаже на безбројните грешки во секојдневната јазична комуникација. Како младите да го употребуваат стандардниот македонски јазик, затоа што токму преку јазикот покажуваме кои сме и што сме. Треба свесно дејствување да се бара кај оние кои директно влијаат на јазикот, особено воспитно-образовниот процес, медиумите и јавните личности, велат од училиштето.
21 февруари, УНЕСКО го прогласи за Светски ден на мајчиниот јазик, на Генералната конференција во 1999 година. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.
OhridNews