Учениците и вработените од ОУ „Ванчо Николески” од село Лескоец го започнаа тридневното чествување на својот патрон. Во текот на вчерашниот ден група на ученици со неколку свои наставници беа во посета на спомен-куќата на Ванчо Николески во селото Црвена Вода.
Чествувањата и активностите по повод патронатот на училиштето продолжуваат денеска со организирање на трибини и едукативни работиолници на кои освен домаќините ќе присуствуваат и дваесетина гости од збратименото училиште „Светозар Марковиќ” од Лесковац, Република Србија.
Свеченостите продолжуваат и следниот ден во петок, кога ќе се организира централната свечена академија на која со свои настапи ќе учествуваат и ученици од училиштето од Лесковац, Србија, како и ученици од училиштето „Мирче Ацев“ од село Лисичани, општина Пласница, кое е партнер-училиште на ОУ„ Ванчо Николески“ во проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО).
Заедничките активности на збратимените училишта продолжуваат и во сабота со заеднички излет во Скребатно каде и учениците и наставниците ќе имаат можност да го продолжат своето дружење и меѓусебно запознавање.
OhridNews
Фото: ДИМ ДОН