Учениците Македонци од струшкото средно училиште „Нико Нестор“ во понеделник ќе се вратат на настава во придружба на нивните родители. Ваквата одлука била донесена  на синоќешниот сoстанок на Советот на родители на учениците Македонци, на кој уште еднаш била потврдена претходно донесената одлука за воведување јазични смени во „Нико Нестор“.


– Она што ние во моментот го гледаме како решение е да се оди заедно со нашите деца на училиште, на начин како што е утврдено по претходната одлука, потврдена од министерот за образование, градоначачникот, директорот на училиштето, по претходно утврдени законски акти на Советот на училиштето и Училишниот одбор, изјави Вишња Дурацоска – претседател на Советот на родители во ОСУ „Нико Нестор“.

Дурацоска упати апел до надлежните органи во понеделник поажурно да ги извршуваат своите обврски и да овозможат одвивање на наставата во јазични смени.


На иницијатива на локалната самоупрaва, утре ќе се одржи нова средба со претставници на родителите, наставниците и раководството научилиштето. Родителите на учениците Македонци не очекуваат на неа да биде донесено решение за проблемите во средното училиште „Нико Нестор“ и најавија дека нема да ја променат својата одлука за воведување на јазични смени.

Ohridnews