По повод штрајкот на просветните работници, со реакција се јави група ученици од Гимназијата, која искажува подршка на своите професори:

„Ние не сме членови на ниту една политичка партија. Ние сме едноставно ученици. Нашето јавување во овој случај е со единствена цел да ја изразиме нашата подршка за нашите професори. Би сакале да им дадеме до знаење дека ги разбираме и подржуваме и не ги осудуваме и не сме против нив како голем број на медиуми и родители. Ги подржуваме и не сме загрижени заради изгубените часови бидејќи знаеме дека тие се добри и квалитетни, не само професори туку пред се како луѓе. Сигурни сме дека се она што е изгубено во текот на штрајкот квалитетно ќе биде надополнето. Многупати
до сеа нашите професори покажале и докажале дека сакаат знаат и можат да ни помогнат во процесот на нашето образование и воспитување. Ние учениците на ОСУ “Св.Климент Охридски” знаеме дека сме во рацете на добри образовни кадри кои нема да дозволат штрајкот негативно да влијае на нашиот успех во училиштето. Ова го
поткрпуваме со фактот што минатата учебна година матурантите штрајкуваа и изгубија голем број на часови, но после штрајкот со помош на нашите професори го надополнија изгубеното и успешно ја положија матурата.
       
Би ги замолиле медиумите и родителите да имаат повеќе почит кон нашите професори и беспотребно да не ги навредуваат и да не го уриваат нивното достоинство бидејќи навистина тие не го заслужуваат тоа.          Ги покануваме сите медиуми и родители да дојдат на нашиот патронен празник во петок да видат и да чујат што се сме сработиле и постигнале во изминативе години заедно со нашите професори’, се вели во реакцијата на група ученици од ОСУ “Св.Климент Охридски“.

Неодамна со реакција се јави раководството на Унијата на средсношколци на Македонија за Охрид, кое побара прекин на штрајкот на професорите и враќање на учениците на настава. Според унијата, учениците се колатерална штета на штрајкот и тие ќе имаат најголеми последици од прекинот на образовниот процес.

Поделеноста помеѓу учениците, како и меѓу професорите и родителите што јавно се манифестира од самиот почеток на штрајкот, само ја потврдува политичката поделеност на општеството, на што имун не остана ниту штрајкот на вработените во образованието науката и културата. На ваквите случувања реагираше и Европскиот синдикат кој изрази силна подршка на СОНК. Синдикатот најави дека штрајкот продолжува, иако дел од училиштата во земјава започнаа со настава. Се очекува СОНК денеска да излезе со став околу најновиот владин предлог, од што зависи и евентуалниот прекин на штрајкот што започна минатиот понеделник.

Ohridnews