Во рамките на Еразмус плус програмата за мобилност на средношколци, две недели ОУТУ „Ванчо Питошески“ беше домаќин на пет ученици и еден професор-ментор од партнер училиштето – Центарот за биотехника и туризам од Ново Место – Словенија, во коишто учениците и професорите заедно ги разменуваа искуствата и стекнатите знаења.
Готвачите во кабинетот по готварство подготвуваа и сервираа различни видови храна: пилешко, свинско и телешко месо, јадења на скара, рибина чорба, риба на охридски начин, селско месо и тавче гравче. Во кабинетот по угостителско послужување, келнерите: составуваа мени за банкет од протоколарен карактер, кувертираа маси за банкет, фламбираа и послужија банани, кувертираа ресторанска сала по ала карт, се запознаа со винските региони во Македонија како и запознавање и навлегување во светот и тајните на кафето. Преку тимска работа заедно потоа кувертираа маси по ала карт и подготвуваа коктел партија во хотелите „Милениум Палас“, „Ројал“ и „Тино“. Хотелско-туристичките техничари практичната настава ја изведуваа во хотел и туристичка агенциија: се запознаа со туризмот и хотелските услуги, агенциското работење, со различната култура и различните методи за работа за составување на туристички аранжман, составување договори од областа на туризмот како и запознавање со промотивните материјали за охридскиот регион.
По наставата беа организирани еднодневни посети за запознавање на културно-историското наследство и природните реткости и убавини на градот Охрид: манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“ и наколното живеалиште „Залив на коските“, охридската чаршија, печатницата, оригиналните охридски бисери, Стариот дел од градот, возење со катамаран по Охридското езеро, охридската винарија како и посета на театарска претстава. За време на викендите еднодневните екскурзии во Крушево, Битола, Ресен, Македонски Брод, Струга и Вевчани имаа рекреативен и едукативен карактер. Двете училишта за многу кратко време, повторно ќе се сретнат на меѓународниот натпревар „Гатус 2015“ во Македонски Брод. На крајот се одржа македонско-словенечки коктел на којшто беше истакното огромното задоволство и успехот на оваа плодна соработка на двете партнер училишта, преку доделување на сертификатите, со желба за што поголеми успеси како и посета на Словенија во рамките на проектот Еразмус плус.
OhridNews