По повод акцијата „Недела на книгата“, во текот на вчерашниот ден учениците од библиотекарската секција при ОУ „Григор Прличев“, самоиницијативно беа во посета на Културно-информативниот центар „Култура 365“.
Учениците од ова основно училиште предводени од библиотекарката Наташа Митреска, се запознаа со активностите кои се одвиваат во рамките на овој културен центар, истовремено добивајќи ја на подарок книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од авторот Мишо Јузмески.
„При посетата им раскажав за значењето на овој Културен центар, за она што се работи во неговите рамки. Исто така, учениците имаа можност да ја видат собата посветена на А. ден Долард, како и изложбениот простор. На крајот од средбата, добија по еден примерок од книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, потпишана од авторот Мишо Јузмески.“ – вели м-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“.
Како што објаснува Размоска, целта на акцијата е да се поттикне читателската навика кај охриѓани.
„Како и секоја акција на КИЦ „Култура 365“ и оваа беше задоволителна. Оние граѓани кои се љубители на пишаниот збор, дојдоа да си земат примерок. Книгата е нешто што останува вечно. Преку неа можеме да се навраќаме, да ги осознаеме работите и да се потсетиме на она што сме го прочитале.“ – објаснува Размоска.
А. ден Долард 60 години активно се занимавал со пишување и како писател и новинар создал многубројни дела од областа на поезијата и на прозата. Некои негови книги покрај тоа што имаат доживеано десетици изданија, се издаваат и денес, десетлетија по нивното прво објавување.
„За македонските читатели, секако, најинтересни и најблиски до срцето се неговите записи за македонската земја, нејзините луѓе, обичаите, начинот на живот. А. ден Долард околу половина век ги следи македонските состојби и известува за значајните историски моменти непосредно од теренот, вклучувајќи го времето пред и по Втората светска војна.“ – вели писателот Мишо Јузмески.
Инаку, А. ден Долард, роден на 7 февруари 1901 година, со неговите патописи и романи е главниот „виновник“ што токму холанѓаните се најбројни западноевропски гости во овие краишта последните 40-тина години.
O.T.