Ќе направиме се што е потребно од 1-ви септември учениците во РЦСОО „Ванчо Питошески“ да посетуваат физичка настава, рече при денешната посета и увид во инвестициите од Министерството за образование во училиштата во Охрид, министерката за образование и наука Весна Јаневска.

На средбата во училиштето присуствуваа и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, директорот на училиштето Марјан Радески, како и претавници од јавните претпријатија каде се дискутираше и се изнајде начин за надминување на проблемите со цел започнување со физичка настава од септември.

Објектот на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ кој за жал малку подолго се изведува, веќе е при крај и се надевам дека од 1-ви септември ќе може да се почне со работа. Овде се вложени 110 милиони денари, но сум презадоволна од тоа што го гледам. Вчершаниот ден обезбедивме јавна набавка и за опрема во училиштето: шкафчиња, столчиња, клупи, табли… така што училиштето ќе биде подготвено за изведување на физичка настава, а не онлјан. Ќе направиме се што е потребно за на 1-ви септември да почне со работа. Имаше еден проблем кој постоеше подолго време, но изнајдовме решение, потенцираше Јаневска.

Претходно, министерката беше и во посета на основното училиште ООУ „Св. Наум Охридски“ во Пештани каде посочи дека се завршени предвидените активности.

Во училиштето во Пештани „Св. Наум Охридски“ министерството има 8 милиони денари инвестиција за енергетски ефикасна фасада и ова е завршено како што треба и се радуваме што децата ќе можат од септември да уживаат во едно такво опремено училиште, каде се подготвени и тоалети за деца со попреченост, додаде Јаневска.

Посочи дека сеуште се прави процесот за мапирање на можностите во училиштата за едносменското одвивање на настава.

Во Охрид има услови за тоа. Од согледувањата кои јас ги имам во внатрешноста постојат многу повеќе можности за едносменска настава. И таму каде што има веднаш ќе се почне. Голем проблем се одредени општини во Скопје каде има многу ученици. Но, тука ќе доградуваме и градиме. Ќе треба малку подолг период, но таму каде што ќе може ќе се почне веднаш.

Подолгиот престој на децата во училиштето дава подобри резултати во образованието, потенцираше Јаневска, додавајќи дека едносменската настава подразбира децата на училиште да се по осум часа, колку што се и возрасните на работа.

И тоа не значи дека тие ќе се осум часа над книгата, ќе си ја завршат домашната работа, ќе учат, ќе имаат дополнителна и додадна настава, секции, ликовно, музичко, воннаставни активности, физичко, информатика…. тоа што модерното време го бара како образование. Многу важно за нас е дека ќе бидат ангажирани и повеќе наставници, тие кои немаат полн фонд часови ќе се вклучат токму тука. Сакаме да се преорганизираме, да го искористиме искуството и знаењето на наставниците за да добиеме подобар резулатат кај учениците. Ова функционира во развиените земји, рече Јаневска.

Посочи дека на седница на Влада помина Одлуката за одложување на имплемнтацијата на концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение, после долги консултации со Бирото за образование за да нема никакви празнини во образованието на децата.

Дојдовме до заклучок дека нема да има ефект врз образованието на децата и се стопирани наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение. Во меѓувреме тече и јавна расправа во однос на програмите кои беа по концепцијата за наставниците, родителите, учениците, да можат да дадат свои сугестии што во пракса се покажало дека не е добро и не функционира, за деветто половина програма е готова и тука ќе се реагира. После анализата ќе ги направиме промените и ќе почнеме со новите програми прво за седмо, па за осмо, па за деветто одделение. По тоа веројатно ќе се вратиме на шестто.

Истакна дека учебници ќе има за сите од 1-ви септември, освен за странските јазици.

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска