Во рамки на програмата RYCO Superschools, која промовира училишна размена во регионот WB6 за градење мир, помирување и меѓукултурно учење, во периодот од 16 до 22 март оваа година, 16 ученици од Техничката школа во Ужице, Република Србија, под менторство на наставничките Ана Анѓиќ и Ивана Јочиќ, реализираа седумдневна посета на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид.

Учениците беа сместени во семејствата на своите врсници, што им овозможи уникатно доживување на локалниот начин на живот, обичаи и традиции. Ова непосредно искуство придонесе за подобро разбирање и прифаќање на културните различности, информираат од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид.

Благодарение на одличната организација и големата посветеност на наставниците Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески, за време на посетата учесниците имаа можност да ги посетат културно-историски споменици и природни локалитети во Охрид и неговата околина. Во просториитее на училиштето беа реализирани и неколку работилници, а беше организирана и посета на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.

Во рамки на проектот се изработува веб-страницата CHANGE (Cultural Historical Application Natural Generation Education). Оваа веб-страница, која е во завршна фаза, содржи информации, фотографии и линкови за сите културно-историски и природни локалитети од Охрид и Ужице и нивната околина.

OhridNews