Ученици и наставници од ООУ „Ванчо Николески“ беа дел од првата образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови”/”Our stories are our bridges”, каде училиштето е главен координатор. Истата се реализираше во Љубљана, Р. Словенија, а домаќин беше ОШ „Брезовица при Љубљани”. Во овој проект освен училиштето „Ванчо Николески“ вклучени се и училишта од Р. Хрватска (Корчула) и Р. Словенија.

Целта на овој проект е преку раскажување позитивни приказни што ја истакнуваат важноста на културата, традицијата и обичаите, да се изградат високи вредности кај учениците и преку нив да се поврземе со другите народи. Сметаме дека изложеноста на различни културни приказни може да им помогне на учениците да развијат чувство на емпатија и ценење за разликите. Затоа, важно е на учениците да им се обезбедат можности да учат и ценат различни културни народни приказни и практики, велат од училиштето.

Додаваат дека во рамки на посетата имале можност да ја претстават земјата, градот и училиштето, а за време на престојот биле дел од наставни часови каде учениците имале интерактивно учество, вклучени биле во работилници за обработка на приказни поврзани со словенечката историја и култура, а на крајот учениците креираале е-book со слушнатите приказни.

Во рамки на оваа мобилност ги посетивме езерото Блед и познатата Постојнска јама, а исто така ги посетивме и значајните места во Љубљана. Имавме можност да проследиме и театарска претстава за деца “Kralj Matijaš” во тамошниот Дом на култура “Cankarijev Dom” во Љубљана. Преку низата интерактивни активности поврзани со раскажување и слушање приказни, учесниците на оваа мобилност успеаја да се запознаат со другите култури, да ги согледаат сличностите и да „градат мостови“ на соработка и заедништво, потенцираат од училиштето.

Втората мобилност од овој проект е во мај во Хрватска на островот Корчула. Ова е шести Еразмус+ проект што го реализира ООУ „Ванчо Николески“. Претходно се успешно и целосно имплементирани пет Еразмус+ проекти од клучна акција КА 229.

OhridNews