Симболично, со трка од два километри, учениците од деветто одделение од ОУ „Гоце Делчев“ од селото Подгорци денеска се приклучија во одбележувањето на Меѓународниот ден на децата кои се борат со канцер, 15 февруари. Трката била дел од часот по спорт, под менторство на професорката по физичко образование, Мими Стојаноска.
Заедно со учениците од деветто одделение истрчавме два километри со цел да им дадеме поддршка на децата кои се борат со ракот, но и на нивните семејства, истакна Стојаноска.
Трката за поддршка на децата болни од канцер се одржува прв пат, со надеж дека ќе премине во традиционална.
Сакаме да испратиме порака дека преку спортот можеме да промениме многу работи, а една од тие е да се подигне свеста кај луѓето дека меѓу нас има и такви кои се бират со предизвиците на некоја болест, како што е канцерот, додаде Стојаноска.
Поддршка за децата болни од канцер и нивните семејства дава и Општина Струга.
Според Светската Здравствена Организација, кај 300.000 деца на возраст меѓу 0 и 19 години секоја година им се дијагностицира рак.
OhridNews