Климатските промени се реалност, а образованието е клучно за да поттикнеме и внесеме промена во размислувањето и однесувањето на учениците. Во оваа насока размислуваат во ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид, кое се вклучи во глобалниот проект за подигање на свеста за климатските промени „Climate Action Project“, во кој учествуваа повеќе од 2,6 милиони студенти и ученици од 135 земји.

Реализацијата на овој проект се одвиваше во временски период од шест недели (во октомври и почетокот на ноември) и истиот беше поддржан од председателот Стево Пендаровски и многу светски познати научници, јавни личности, влади и организации (Jane Goodall, експерти од WWF, NASA и UN). И покрај предизвиците од Ковид-19, интернет комуникацијата и пристапот до технологијата и ресурсите за реализација, „Climate Action Project“ успешно се реализираше под раководство на наставниците Виолета Петковска Татјана Лошкоска, Силвана Кртеска и Јованка Анѓелкоска. – информира училиштето.

Учениците ги истражуваа причините и ефектите од климатските промени, дискутираа, создаваа и се обидуваа да најдат решенија за проблемите. Учесниците во проектот се приклучија на виртуелна средба со учесници од Бразил.

На средбата учениците од нашето училиште ги презентира убавините на Охрид и Охридското Езеро, како и дел од еколошките проблеми со кои се соочуваме и со учениците од Бразил дискутираа за можните решенија за намалување на ефектите од климатските промени. Се изготвуваа видеа со истражувања, решенија и други изработки од страна на учениците и истите беа објавени на веб-страницата на проектот. – истакнуваат од училиштето.

На 5 Ноември се одржа настанот „Climate Action Day“ на кој учествуваа ученици од цел свет кои ги споделија своите размислувања и решенија за климатските промени. Имаше ексклузивни интервуја со експерти и високи претставници на Светската организација за заштита на природата, Обединетите нации, НАСА и други, кои одговараа на бројните прашања на учениците од целиот свет и ги споделија своите мислења и искуства. Во онлајн дебатата се вклучија и младата активистка Vanessa Nakate и белгиската принцезата Есмералда како и македонскиот претседател Стево Пендаровски кој исто така имаше свое обраќање.

Образованието е клучно за промена на однесувањето и размислувањето на учениците за општеството. Треба да разбереме дека учениците можат да направат многу повеќе од меморирање на факти за клима и животната средина. Тие имаат капацитет за реални решенија и преземање на активности за подобар свет. – истакна Коен Тимерс, основач на „Climate Action Project“.

OhridNews