Учебната 2023/2024 година заврши за средношколците, додека учениците во основните училишта, согласно годинашната одлука за организација на наставата, до летниот распуст имаат уште една работна недела.

Крај на учебната година на 17 јуни беше предвидено за сите ученици, но Министерството за образование и наука излезе во пресрет на барањето на Сојузот на средношколци.

Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови (180) во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст, заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни. Тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме, рече пред два месеца министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

И основците и средношколците првпат годинава имаа пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024.

Матурантите во изминатите две саботи ги полагаа двата екстерни испита од државната матура и резултатите треба да ги очекуваат најдоцна до 8 јули.

На полуматурантите, пак, овој месец им претстои запишување во средно образование. Пријавувањето и запишувањето на учениците во јунскиот уписен рок ќе биде во две пријавувања. Според Конкурсот за запишување во средно образование, првото електронско пријавување ќе биде од 20 до 25 јуни и второто на 1 и 2 јули.

Аплицирањето е електронско преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука (e-uslugi.mon.gov.mk).

OhridNews