Убиство се случи утрово во месноста Езерски лозја кај Струга. Според првичните неофицијални информации од истрагата Перо Шулески (1961) ја убил поранешната сопруга Гaлaбинка (1962), која по разводот го променила презимето во Јанеска.


Таа утрово околу 8 часот тргнала со велосипед на работа во училиштето „Јахја Кемал“. На околу 100 метри од семејната куќа ја пречекал поранешниот сопруг кој со еден истрел од пиштол ја ранил. Повредената продолжила да се движи со велосипедот при што била следена од поранешниот сопруг, кој откако таа паднала од велосипедот истрелал уште три куршуми кон неа и ја усмртил. Убиецот без отпор и се предал на полицијата која набргу пристигнала на местото на настанот.


Настанот го виделе повеќе очевидци кои беа видно потресени од немилата случка.

– Видов жена со точак доаѓаше и човек како оди по неа. На едната страна беше раскрварена и после тоа таа замина со викање, но не знаев што се случува. Пред тоа местејќи ги каблите на објектот каде работиме слушнав пукање, но си помислив дека се ловџии. Видов жената замина, а човекот најнормално трчаше по неа. Не можев да помогнам затоа што имаше пиштол во рака и само го пратев. Не ја видов жената како падна, само видов пукање уште три куршуми. Излезе зет ми мајсторите, дојде и полицаец, на кој кажаа дека убиецот само им го предал пиштолот и застанал до убиената жена, раскажува Рајко, очевидец на настанот.

Неофицијално поранешните сопружници подолго време имале семејни недоразбирања, а истрагата треба да го утврди мотивот за свирепото убиство.

Ohridnews