На 22 јуни (сабота), во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани, свечено ќе биде отворена јубилејната десетта меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Во знакот на децениското постоење на Колонијата, на почетокот од свеченото отворање, ќе бидат доделени одличијата „Плакета порта“ на академикот Глигор Чемерски (постхумно), на академски сликар Петар Попчев, на француската сликарка Ми Ан Хо, како и на Охридска банка групација Сосиете Женерал која повеќе години ја поддржува оваа важна културна манифестација.

Деценискиот јубилеј ќе биде заокружен со концерт на хрватските музички ѕвезди Даниела Мартиновиќ и Петар Грашо.

Годинава на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ ќе земат учество 35 уметници од нашата држава, како и од Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Франција, Грција и Полска.

Оваа година за прв пат, во соработка со Охридска Банка групација Сосиете Женерал, како дел од проектот „Клуб на таленти“ ќе се реализира и активноста во која избрани млади уметници ќе имаат можност да творат и да се образуваат заедно со нивните постари колеги.

На крајот од секоја колонија, а во функција на натамошно афирмирање на уметноста, организаторите издаваат висококвалитетен каталог на македонски и на еден друг светски јазик (најчесто англиски или француски). Примероци од каталогот, потоа, освен на учесниците има се доставуваат и на поголем број еминентни институции и личности од светот на уметноста.

Почнувајќи од 2010, секоја година на крајот на месецот јуни, во реномираниот ресторан „Виа Игнација“, во Вевчани, се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. До сега, на оваа реномирана културно-уметничка манфестација имаат земено учество над 150 еминентни ликовни уметници од државата и од странство.

OhridNews