Од денеска до 8-ми јули, во Охрид ќе се одржи Балканскиот фестивал на народни песни и игри, еден од најстарите и најпопуларните културни настани од ваков вид во земјава.

Јубилејното 60-то издание на фестивалот ќе го отвори претседателот на Собранието Талат Џафери, а  предвидено е пред учесниците да се обратат и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески и Горан Симоноски, директор на Центарот за култура „Григор Парличев“, кој е организатор на настанот.

Првата фестивалска вечер е резервирана за настапите на Ансамблот Македонија од Скопје и за Академското културно-уметничко здружение Бранко Красмановиќ од Белград.

Во следните три дена публиката во Охрид на отворената сцена „Долни Сарај“ ќе ги види настапите на Културно-уметничкото друштво „14 февруари“ од Бања Лука, „Дримкол“ од Вевчани, Ансамблот „Студио фолклор“ од Скопје, Инструменталниот ансамбл „Нустек“ од Скопје, Фолклорниот ансамбл „Никола Бурковиќ“ од Котор, КУД „Јане Сандански“ од Неготино, Друштвото „Плус танц“ од Елбасан, „Бисер“ од Кичево и Фолклорниот ансамбл „Бисери“ „од Охрид.

Во рамки на фестивалот ќе биде претставена монографијата „60 години“ Балкански фестивал на народни песни и игри“ чиј автор е Милчо Јованоски.

Сите настани се организирани во согласност со здравствените протоколи за заштита од коронавирус, а влезот за посетителите е бесплатен.

OhridNews