Осумнаесетгодишниот убиец, кој во петокот вечерта во Минхен уби девет луѓе, бил психички болен и пред нападот проучувал некои слични убиствени походи, а полицијата нападот го поврзува со масакрот кој на исти ден пред пет години се случи во норвешката престолнина Осло, соопшти германската полиција. „Убиецот има 18 години, тој се родил и израснал во Минхен. Ученик е, во неговиот стан, во неговата соба, каде што живеел, извршен е претрес. Како резултат на претресот не е пронајдена никаква поврзаност со Исламската држава“, изјави директорот на Полициската управа на Минхен, Хубертус Андре на прес-конференција. Полицијата претпоставува дека станува збор за осамен сторител, кој немал помагачи. Андре, исто така, ја исклучи и поврзаноста на нападот со актуелната тема на бегалците која длабоко го подели германското општество. „Поврзаноста со масакрот во Норвешка се наметнува самата од себе“, изјави Андре на прес-конференција укажувајќи дека петочниот масакр се случи на петгодишнината од масакрот во Осло кога десничарскиот екстремист Андреас Меринг Брејвик уби 77 лица, главно млади левичарски активисти изразувајќи револт од доселеничката политика на левичарската норвешка влада.
„Извршителот веќе подолго време се интересирал за слични масакри“, изјави Андре. Истовремено потврди дека младиот Иранец се лекувал поради „психички проблеми“.
Истовремено тој рече дека напаѓачот кој се самоуби, најверојатно бил под опсервација на психијатар поради депресија. „Информацијата за можно психичко растројство треба уште да ја провериме, тоа е невозможно да се стори за една ноќ“, рече Андре замолувајќи ја јавноста за трпение. Државното обвинителство претходно објави дека се лекувал поради „еден облик на депресија“.
Медиумите пишуваат дека извршителот на нападот е 18-годишниот Али Давид Сонболи, чии родители се од Иран, а претходно весникот Спиегел го идентификуваше како Давид С. Тој самиот поседувал и германско и иранско државјанство. Напаѓачот во текот на пукањето врз случајните минувачи пред ресторанот за брза храна во близина на трговскиот центар „Олимпија“, според очевидци, извикувал пароли насочени против странците, но иследниците „не гледаат политички мотив“, како ниту некаква врска со „исламистичкиот тероризам“. Полицијата објави во саботата дека ги прегледува сите видео снимки, а особено онаа на којашто се гледа напаѓачот и се слуша како разменува расни навреди и пцовки со друг маж. „Се обидуваме да утврдиме кој што рекол“, рече портпаролот на минхенската полиција.
Според медиумските извештаи, 18-годишниот Сонболи преку Facebook ги намамил жртви во еден од рестораните на „McDonalds“ нудејќи им бесплатни оброци. Седум од жртвите се малолетници. Меѓу убиените се и тројца Албанци од Косово, едно момче и две девојки, кои живееле во Минхен. Челникот на минхенската полиција ги соопшти во саботата ажурираните резултати за жртвите од инцидентот. Вкупно, со напаѓачот, загинале 10 луѓе, најмногу малолетници. „Двајца имаат 15, уште тројца 14, еден 7, еден 19, еден 20 и еден 45 години“, прецизираше Андре. Во нападот вкупно настрадале 27 лица, од кои четворица имаа огнострелни рани. Со тешки повреди се здобиле 10 настрадани, од кои и 13-годишно момче.
Откако во ресторанот за брза храна и во блискиот трговски центар убил девет и ранил уште 16 лица, од кои три се во критична состојба, убиецот во блискиот парк извршил самоубиство. Полицијата крај неговото тело нашла пиштол од марката „Glock“ со калибар 9мм и ранец полн со муниција, кој претходно бил проверен за можни експлозиви. Полицијата соопшти дека овој вид оружје е „многу популарно“ меѓу извршителите на слични убиствени походи, како и дека 18-годишникот дошол до него на „нелегален начин“. Од своја страна, шефот на криминалистичката полиција на Баварија, Роберт Хајмбергер на брифинг со новинарите изјави дека пиштолот најверојатно е набавен нелегално, бидејќи од него бил избришан серискиот број.
Напаѓачот живеел заедно со родителите и братот во стан во Минхен. Според полицијата, родителите не се во моментов во состојба да дадат исказ. Во петокот доцна попладнето, по првите информации за истрелите во трговскиот центар, се појавија и извештаи за слични напади и во центарот на градот, кои предизвикаа паника во Минхен, во која се полесно повредни неколку лица. Овие информации се покажаа неточни, како и првичните за тројца напаѓачи кои се базираа на изјави на очевидци.
OhridNews
извор Макфакс