Рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов смртно е застрелан во оружен инцидент што се случи денескаво Анкара. Тој починал во болница откако бил тешко ранет во оружениот напад во кој се повредени повеќе луѓе, пренесува „Макфакс“.
Ал Џезеира јави дека амбасадорот бил застрелан од непознат маж во пределот на грбот.
Нападот се случил по неколкудневните протести во Турција заради улогата на Русија во Сирија, иако сега официјална Москва и Анкара соработуваат во евакуацијата на цивилите од Алепо.
Снимките што ги објави дневниот весник Hurriyet покажуваат најмалку двајца мажи како лежат на подот, а еден маж им се заканува со огнено оружје.
Нападот се случил во големиот изложбен простор Cagdas Sanatlar Merkezi во Анкара, во делот каде што се наоѓаат повеќето странски амбасади.
Турските медиуми јавуваат дека убиецот влегол во галеријата во која имало изложба, велејќи дека е полицаец. Откако го застрелал амбасадорот, мажот во одело почнал да замавнува со пиштолот и со рацете и нешто да вика.
CNN и NTV објавија видео снимка која покажува како Карлов држи говор, кога одекнале истрели. Камерата потоа се свртела и снимила маж во одело и вратоврска како мавта со пиштолот и ја извикува исламистичката фраза „ Allahu Akbar“(Господ е голем) и „Не заборавајте го Алепо“.
Покрај тоа, како што јавува Independent, мажот викал „Ние умираме во Алепо, вие умирате тука“.
За нападот бил информиран и рускиот претседател Владимир Путин.
Сѐ уште се утврдуваат вистинските причини за нападот, но според она што мажот го извикувал, се чини дека амбасадорот бил мета.
OhridNews
извор: „Макфакс“