Познатиот руски политичар Борис Немцов поранешен прв вицепремиер во владата на Руската Федерација во раните 1990-те и сегашен опозиционер бил застрелан вчеравечер во центарот на Москва. Неговото убиство предизвика политички реакции во земјата и во странство, откако негови соработници соопштија дека наводно подготвувал извештај за наводното „руско присуство во Украина“
Според објавите во медиумите Борис Немцов е застрелан во петокот околу 23:40 часот на Големиот мост на Москва во центарот на руската престолнина, каде што се движел во придужба на неговата девојка. Кон нив тргнал автомобил од кој непознати напаѓачи истрелале најмалку седум куршуми, од кои четири го погодиле Немцов во грбот задавајќи му смртоносни повреди. Полицаец кој бил во близина на местото на злосторството недалеку од Кремљ изјавил дека било пукано од бел автомобил кој со голема брзина се оддалечил од местото.
Борис Немцов беше потпретседател на руската влада во времето на претседателот Борис Елцин, кого западот го препознава како либерален реформатор, но во Русија тој период го препознаваат како време на сомнителни приватизации и брзо создавање на руските олигарси и мултимилијардери.
Руското министерство за внатрешни работи се’ уште не открива детали за инцидентот, и соопшти дека се испрашуваат сите сведоци, вклучително и партнерката на 55-годишниот Немцов, која се наоѓала веднаш до него во времето на убиството.
Како што соопшти Истражниот комитет, инспекторите ги зеле предвид сите верзии во врска со убиството на Немцов, вклучувајќи ја и можноста за политички атентат. Портпаролката на министерството за внатрешни работи Елена Алексеева изјави дека во Москва е воведен планот „Следење“ кој инаку како ниво на закани стапува на сила во врска со терористички напади, како и дека е формиран посебен оперативен штаб во врска со истрагата на убиството на опозицискиот политичар.
На убиството на опозиционерот Борис Немцов веднаш реагираа не само рускиот државен врв, туку и странските политичари. Рускиот претседател Владимир Путин изрази жалење поради убиството и лично го презема надзорот врз истрагата во којашто се вклучени и шефовите на сите истражни и разузнавачки служби.
Според соопштението од неговиот кабинет, би можело да станува збор за нарачано убиство и провокација пред одржувањето на најавениот митинг на опозицијата против кризните мерки што ги воведе руската влада во врска со западните санкции поради наводната руска улога во украинската криза и соодветниот руски одговор со забрана на увоз на западни стоки во недела во Москва, што требаше да го води Немцов. „Путин истакна дека станува збор брутално убиство коешто ги има сите знаци на нарачано и оти е исклучиво со провокациска природа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
И американскиот претседател Барак Обама, како и Путин, убиството на Борис Немцов го нарече „брутално“, изразувајќи жалење поради злосторството, објави на Twitter Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„САД жалат поради бруталното убиство на Борис Немцов и ја повикуваат руската влада да спроведе итна, непристрасна и транспарентна истрага за околностите на ова убиство и да осигури одговорните за злосторството да бидат приведени пред правдата“, се наведува во изјавата на американскиот претседател.
Обама се сретна со Немцов во 2009 година за време на неговата посета на Москва, кога се сретна со опозициските челниците по средбата со тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев кога изјави дека „се восхитува на неговата борба против корупцијата“. „Со неговата смрт, Русите загубија еден од најнапредните и најелоквентни бранители на нивните права. Немцов беше неуморен адвокат на својата земја, барајќи за своите сонародници Руси права кои им припаѓаат на сите луѓе“, напиша Обама.
OhridNews
Извор:„Макфакс“