Пионерите на Ракометниот клуб Охрид забележаа голема победа во „Билјанини Извори“ совладувајќи ја екипата на Ивни Јуниор од Струга со убедливи 22-13 (8-6). 

Охриѓани со триумфот во „Езерското“ дерби му го нанесоа првиот пораз на стружани и се одлепија на врвот од табелата во пионерската лига.

Во полувреме со малку голови подобро се снајдоа домашните ракометари. Избраниците на Наум Бабачев го контролираа водството во текот на првиот дел препуштувајќи му само едно водство на гостите (6-5). Во финишот со серија 3-0 охриѓани обезбедија предност од два голови на полувремето (8-6).

Гол серијата на охридските млади „гладијатори“ продолжи на стартот од вториот за најголемо водство во текот на мечот (10-6). Налетот на домашните ракометари продолжи за прво водство од 5 голови (15-10).

Носени од публиката во „Билјанини Извори“ ракометарите на Охрид продолжија со играта во транс и го нокаутираа противникот во вистинска смисла на зборот победувајќи го со 22-13.

Николче Ристески со осум голови беше најефикасен во составот на Охрид, Мартин Иваноски реализираше пет, Намик Осман четири, Наум Костов три, а Милан Најдановски и Даниел Андоновски по еднаш ја затресоа мрежата. Свој ден на голот имаше Јован Трајкоски.

Мх.П.