Деновиве во Лапидариумот од Куќата на Робевци, беше отворена самостојната изложба „МОЗАИК КОЛАЖ“ на охридскиот уметник Никола Упевче. На изложбата која ќе трае до 7 август ќе бидат претставени оригинални дела, како и репродукции на изведени дела печатени во формат 1:1, работени во изминатите 22 години.
На дел од изложбата ќе претставам и бројни мозаици на кои сум работел како конзерватор и реставратор на овој вид културно наследство од Охрид и околината, со примери и иницијативи на соработки со конзерватори од целиот регион на Европа и особено Југоисточна Европа. – истакна Никола Упевче.
Во склоп на изложбата кај Долна порта поставена е печатена верзија од „Мозаичната мапа“ на град Охрид и Лихнид, а издаден е и квалитетно изработен каталог.
Ателјето на Никола Упевче открива волшебни светови соткаени од камен каде посетителот брзо ја исчитува длабоката слоевитост на видливото. Гледајќи го како работи со голема вештина и знаење, не само за мозаичните учења, туку и за антиката која е негова голема инспирација, се увидува дека не станува збор само за завиден мајсторлук и напор, туку и за голем мерак при творењето, вели Александра Николоска од Македонска Академија на Науки и Уметности.
Тој успева преку тврдиот камен да створи мекотија во изразот, пренесувајќи ја неговата природна боја, нам обично затскриена. Секое поединечно камче е облагородено преку неговиот допир пред да стане дел од една наративна целина која раскажува илјадници приказни – стории за Плаошник и Канео, за езерото и рибите, за охридските цркви, куќи и луѓе кои пред него оставиле печат во градот. Авторот не само што ја пренесува историјата преку уникатен сликовен облик, нурнувајќи во световите што му претходат, туку ја толкува и сегашноста. Па така неговиот Охрид ни го пренесува со извонредна деталност пред кој гледачот останува долго испитувајќи ја сопствената просторна ориентација. Уметноста на Упевче секако создава уште една трага во милениумската стратиграфија на градот и останува како уште едно сведоштво за создавачкиот континуитет. – истакнува Николоска во каталогот за изложбата на Никола Упевче.
Од среда 29 јули Никола Упевче во Лапидариумот од Куќата на Робевци започнува со Работилници за мозаик“ кои ќе бидат организирани секојдневно за помали групи заинтересирани поединци со почитување на мерките за заштита.
OhridNews