Светски познатата спортска манифестација „Охридски пливачки маратон“, се издигна над сите проблеми и успешно го реализира 35 издание. Одржувањето на маратонот оваа година се поклопи со неколку исклучително значајни јубилеи поврзани со пливањето и еден историски подвиг за кој долго ќе се зборува.

Годинава се одбележуваат 60 години од првиот маратон на Охридското Езеро одржан во 1962 година на релација Пештани – Струга – Охрид, како и 90 години од формирањето на Пливачкиот клуб „Охридски бранови“. По тој повод организаторот на Охридскиот пливачки маратон годинешната награда „Климе Савин“ за придонес во пливачкиот спорт му ја додели на ПК „Охридски Бранови“, во чие име ја прими долгогодишниот спортски работник Кочо Паскали.

Наградата „Климе Савин“ за ПК „Охридски бранови“. Фото: А. Момироска – OhridNews

Охридскиот пливачки маратон му врачи Благодарница на супер херојот од Охрид Марко Пејчиновски, кој ова лето комплетираше 10 подвизи препливувајќи го исто толку пати Охридското Езеро на различни растојанија, во вкупна должина од 250 километри. Последната, најдолга и најтешка делница беше Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид во должина од 64 километри која Марко ја преплива без малку за едно деноноќие.

Марко Пејчиновски со својот подвиг стана инспиратор на многумина, покажувајќи челична волја истрајност и одлучност да се справи со исклучителниот предизвик.

Благодарница од Охридскиот маратон и Општина Охрид за пливачкиот херој Марко Пејчиновски. Фото: А. Момироска – OhridNews

Организаторот на маратонот и Општина Охрид направија уште еден убав гест, делегирајќи го токму Марко да ги додели трофеите на најдобрите на 35 издание на Охридскиот пливачки маратон во име на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Со овој потег градот на најдобар можен начин покажа дека на спортските манифестации фокусот треба да биде на спортистите и спортските чинители.

Она што е важно, Марко доби ветување и од локалната и од централната власт дека ќе има поддршка за идните подвизи. Кој знае, следниот можеби ќе биде интернационален, по стапките на Нико, Атина, Дики, Савин… кои го прославија Охрид во светот.

Г.М.
Фото: А. Момироска