„Тоа што ти мал јунаку го направи за Охрид и Македонија е голема работа, која ќе влезе во аналите на градот и земјата. Сите не направи горди, покажувајќи огромна храброст со само 12 години да го препливаш Охридското Езеро. Тоа до сега не го направил никој и затоа залужуваш најискрени честитки.“ Со овие зборови генералниот директор на А.Д. „Галеб“ Охрид, Љупчо Василески – Саричко, го пречека чудото од дете Марко Пејчиноски, кој пред два дена го преплива Охридското Езеро и се запиша во историјата на пливањето и спортот воопшто. На приемот кој во чест на Марко го приреди „Галеб“ присуствуваа дел од вработените и менаџментот на компанијата, како и семејството на спортскиот херој на Охрид.

Најстариот и најголемиот автопревозник кај нас, уште еднаш покажа сенс, висока општествена свест и внимание, исполнувајќи ја желбата на Марко, кој на подарок од „Галеб“ денеска доби лаптоп.

-Го прашав Марко да избере каков подарок сака, а тој беше многу скромен и посака лаптоп. Ние ја исполнивме неговата желба како гест на благодарност кон Марко за подвигот што го направи. – истакна директорот Љупчо Василески. Тој раскажа дека со Марко се запознале случајно пред неколку лета на плажа каде го забeлежал како одлично плива во езерото и игра со семејството во вода.

Марко се заблагодари на подарокот, а во неврзан разговор на приемот во А.Д. „Галеб“, најави дека сега откако си ја исполни големата желба и го преплива Охридското Езеро, ќе си зацрта нова спортска цел. Каква и да биде веруваме дека ќе ја исполни, низ смеа прокоментираа присутните, бидејќи не увери сите дека Марко навистина е најјакиот, како што му пишува на маицата специјално направена за подвигот „До целта со најјакиот“. „Галеб“, пак, му вети поддршка и подарок каков што ќе посака, доколку се реши за нов подвиг.

Средбата во А.Д. „Галеб“ заврши со заедничка фотографија и договор за заедничко капење, но без тркање, затоа што од пред два дена Охридското Езеро има нов крал, Марко Пејчиноски, 12-годишното чудо од дете со херојско срце и тој е најјакиот.

Г.М.