Осум лица досега се успасени од страна на македонската полиција во врска со вчерашниот инцидент кога по повод прославата на Денот на албанското знаме беше осквернавено македонското знаме, информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на денешната прес конференција.
Четири од тие лица се уапсени затоа што сториле прекршок, учество во тепачка. Истите се лишени од слобода и за нив ќе се преземат соодветни дејствија и понатаму, согласно закон. А други четири лица се уапсени заради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од кривичниот закон кое што се однесува на „предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ каде што е предвидена минимална казна од една година затвор и за кои што четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Еден од нив е малолетник, а тројца се полнолетни лица, рече Тошковски.
Посочи дека вчерашните настани беа дирекно насочени кон достоинството на македонскиот граѓанин, потенцирајќи дека вакви дејствија од страна на поедини групи, особено во Скопје се недозволиви и се директен напад врз македонската држава.
Поради тоа, полицијата, Министерството за внатрешни работи, БЈБ, СВР Скопје одговори максимално брзо и одлучно на сите кривични и кривично правни настани кои што настанаа во текот на вчерашниот ден. Вчерашните предизвици беа насочени дирекно кон достоинството на македонскиот граѓанин. Нема да дозволиме ваков вид на дејствија да подгреваат меѓуетничка тензија во Македонија. Она кое што го говоревме дека има најави, има обиди кои што ќе подгоруваат меѓунационална нетрпеливост во Македонија, еве повторно доказ дека истото се случува, но македонската полиција покажа зрелост, професионалност и одговори соодветно на сите предизвици, додаде Тошковски.
Повеќето случаи се расчистени, вели Тошковски, но полицијата и понатаму ќе постапува по соодветните докази за сторено одредено кривично дело, особено кривично дело кое гази по достоинството на македонскиот граѓанин.
Н.С.Ј.