Германската полиција во Лајпциг го уапси 22-годишниот Сириец осомничен за тероризам, кој беше во бегство, Џабер ал-Бакр, осомничен за планирање напади. Полицијата на Твитер кусо соопшти дека осомничениот Џабер ал-Бакр е идентификуван со сигурност и дека се повлекува меѓународната потерница по него. Специјална единица на полицијата го уапсила Ал Бакр во стан на негов сонародник. Во акцијата биле вклучени и хеликоптер и единица за деминирање.

„Шпигел“ јави дека 22-годишниот Ал Бакр во станот на неговиот сонародник бил уапсен 40 минути по полноќ. Претходно, Сириецот на железничката станица во Лајпциг му се обратил на сонародникот и го прашал дали може да преспие кај него. Сириецот го поканил дома и вечерта ја информирал полицијата, откако слушнал дека по Ал Бакр е распишана потерница. Полицијата во станот го нашла Ал Бакр заврзан.

Обвинителството отвори истрага поради сомневање дека Ал Бакр подготвувал напад. Се очекува уапсениот да биде изведен пред истражен судија уште во текот на денов. За можните цели на напади, не е познато ништо. Властите не ги потврдија информациите на „Фокус“ дека уапсениот подготвувал напади врз германски аеродроми. Потрагата по Сириецот траеше од саботата. Тој тогаш успеа да ѝ избега на полицијата во Кемниц. Покраинската криминалистичка служба ги отфрла критиките на своја сметка дека акцијата не била спроведена како што треба. Оттаму се вели дека во Сириецот, кого го виделе како бега, не можеле да пукаат затоа што не знаеле дали во зградата е поставен експлозив кој би можел да биде активиран. Со оглед на тоа што зградата не била евакуирана, било одлучено да не се презема ризик.

Во станот на Ал Бакр во Кемниц имало околу 500 грама веќе измешан експлозив и околу еден килограм хемикалии од кои е можна изработка на бомба. Освен тоа, полицијата запленила и фитили и делови кои, според првичните проценки, може да послужат за изработка на „бомба цевка“. Според извештајот, Сириецот најверојатно преку интернет веќе стапил во врска со Исламска држава, а наводно се разговарало и за можна цел на напад. Предмет на разговор бил берлинскиот аеродром.

Во Кемниц е уапсено уште едно лице, за кое постои сомневање дека било во контакт со уапсениот Сириец. Инаку, Џабер ал-Бакр во Германија е од 2015 година, а веќе неколку месеци е со признат статус на бегалец.

OhridNews
извор DW