Поранешниот претседател на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ бил уапсен утрово, по налог на специјалниот државен обвинител, пренесуваат црногорските медиуми.Според неофицијални информации, сегашниот претседател на политичкиот совет на црногорската Демократска партија на социјалистите бил уапсен во зградата на Вектра во Подгорица. Специјалниот државен обвинител Миловоје Катниќ претходно го навестил апсењето на Маровиќ, истакнувајќи дека идентификуван бил шефот на криминалната организирана група во Будва и најавил дека истрагата наскоро ќе биде проширена на повеќе случаи, пренесува црногорскиот портал ЦДМ.
„Обвинителството верува дека собра доволно докази за превземање на овие активности, а тоа е донесување на наредба за проширување на истрагата и во однос на организаторите на оваа криминална група“, рекол Катниќ.
Сите клучни актери во „Будванската афера“ признале дека се виновни за повеќемилионска штета на сметка на општина Будва и државата во повеќе одвоени постапки, наведува порталот. Во притвор веќе се синот на Маровиќ, Милош, потоа братот Драган и стрината Мирјана, а постапка се води и против неговата ќерка Милена Маровиќ Богдановиќ.
Синот на Светозар, Милош Маровиќ на почетокот на месецот беше префрлен во истражен затвор во Подгорица и му беше одреден притвор од 30 дена поради сомневање дека е вмешан во незаконска продажба на државна земја во Будва, потсетуваат црногорските медиуми.
OhridNews
извор Макфакс