Турската полиција уапси маж осомничен дека ја поставил бомбата што експлодира на прометната пешачка улица во Истанбул, изјави утринава турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Тој рече дека првите наоди од истрагата укажуваат дека за смртоносниот напад се одговорни курдските екстремисти.

Во вчерашната експлозија на авенијата Истиклал, популарна туристичка дестинација со продавници и ресторани во близина на познатиот плоштад Таксим во Истанбул, загинаа шест лица, а повеќе десетици беа повредени.

Набргу по детонацијата, полицијата уапси едно лице за кое се верува дека ја поставило експлозивната направа, потврди министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесе агенцијата Анадолија.

Иако не го откри идентитетот на осомничениот, Сојлу рече дека во врска со експлозијата се приведени уште 21 лице и потврди дека првите наоди од истрагата упатуваат на ПКК и нејзиниот огранок во Сирија ПИД.

Сочувство и осуда за тероризмот од Грција до Турција за експлозијата во Истанбул

Грчката претседателка, грчкиот премиер, како и Министерството за надворешни работи на Грција изразија сочувство до турската влада и турскиот народ за експлозијата во Истанбул, истакнувајќи дека официјална Атина недвосмислено го осудува тероризмот, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Твитер напишаа дека се шокирани од загубата на животи во експлозијата, им посакаа брзо закрепнување на повредените и изразија сочувство до Турција во име на грчките граѓани.

Грција недвосмислено ги осудува сите форми на тероризам, напиша Мицотакис на Твитер.

Од грчкото МНР, исто така соопштија дека го осудуваат тероризмот, но и дека меѓу жртвите нема грчки државјани.

OhridNews