Рускиот турист Јарослав Колчин е уапсен во неделата в Њујорк поради тоа што се качил на една од кулите на Бруклинскиот мост, соопштила полицијата во Њујорк. Русинот бил забележан како без опрема за качување се движел кон врвот на мостот каде застанал да се фотографира со мобилен телефон, додека над него летал полициски хеликоптер. Колчин потоа бил приведен, а против него била подигната тужба за загрозување на безбедноста.

Полицијата соопштила дека тој не направил никаква штета ниту се обидел било што да отстрани од мостот, како и дека никој не бил повреден за време на неговиот авантуристички потфат. Ова бил втор случај на повреда на безбедноста на познатиот мост ова лето, а неколку седмици пред Колчин двајца германски уметници се качиле на мостот и истакнале бели знамиња.