Македонската фудбалска репрезентација до 21 година во Охрид од 3 до 8 јуни ќе одработи подготовки за мечот со Исланд, кој е прв во рамките од квалификациите за Европското првенство.
Селекторот на У21, Благоја Милевски првата прозивка ќе ја има на 29 мај само два дена по завршување на македонскиот шампионат.
На списокот од Милевски за мечот со Исланд се најде и охриѓанецот Кире Маркоски, кој оваа недела со клубот Работнички се радуваше на трофејот од Купот.
– Имаме добра генерација, наша задача е да го осигураме настапот на сите најдобри играчи кои ги имаме на располагање. Знаеме какви фудбалери имаме во составот, посебно кога се здрави и подготвени можеме да се надигруваме со сите млади селекции. Ќе се бориме на секој натпревар, ќе даваме максимум и ќе се обидеме да направиме победничка екипа. Не сакаме да наметнуваме товар за победа на секој натпревар, но сакаме да се подготвиме одлично за сите дуели. За првиот натпревар против Исланд ќе ни недостасуваат важните играчи Илиев и Нафиу, но двајцата се рехабилитираат од повреда и се надевам дека брзо ќе се вратат во натпреварувачка форма. Добивме допис од Гронинген дека на последниот натпревар Денковски добил повреда на коленото, но Христијан треба да се јави на повикот и нашиот лекарски тим да утврди дали може да помогне или нема да сметаме и на него. Дел од тренинг кампот на репрезентацијата ќе биде и Никола Кулески од ФК Сиднеј и доколку потврди дека има квалитет ќе се стави на располагање на тимот. Одбравме играчи кои имаат континуитет во младата репрезентација, фудбалери кои запишаа неколку одлични резултати на последните натпревари и јас се надевам дека сите ќе ја сфатиме важноста на подготовките и ќе го дадеме најдоброто на натпреварот против Исланд. Во зависност од текот на подготовките, можно е и да менуваме, односно да повикаме и дополнителни играчи доколку за тоа имаме потреба. – рече селекторот.
Состав :
Голмани: Шишковски Дамјан (Гент, Белгија), Алексовски Игор (Македонија Ѓ.П.);
Одбрана: Зајков Ѓоко (Рен, Франција), Велковски Дарко (Работнички), Ристовски Филип (Металург), Демири Бесир (Шкендија), Висар Муслиу (Ренова ),Тимовски Ангелче (Силекс), Најдовски Леон (Македонија Ѓ.П.) Филип Петрески (Мелбурн Сити, Австралија);
Среден ред: Барди Енис (Ујпешт , Унгарија), Николов Бобан (Виторул Констанца, Романија), Давид Бабунски (Барселона Б, Шпанија), Аврамовски Даниел (Црвена Звезда, Србија), Мустафов Бурхан (Пелистер, Битола);
Напад: Пивковски Филип (Новара, Италија), Ангелов Виктор (Металург, Скопје), Радески Марјан (Металург , Скопје), Асани Јасир (Вардар, Скопје), Дориан Бабунски (Реал Мадрид У20, Шпанија), Кире Маркоски (Работнички ), Христијан Денковски (Гронинген, Холандија).
Мх.П.