Македонската фудбалска репрезентација до 21 година со триумф го заокружија учеството на турнирот во тускиот град Анталија, победувајќи соодветната селекција на Бугарија со убедливи 5-1.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски одиграа одличен натпревар, доминирајќи во сите аспекти од играта и заслужено славеа со висок резултат. Во првите 45 минути Македонија имаше предност од 2-0. Стрелци на головите беа Илиевски и Гроздановски. Бугарите намалија на 2-1, а „црвено жолтите“ со нови три голови ја обезбедија убедливата победа. Два од трите голови постигна Максимов, а победа ја запечати Калкан.
Одигравме три добри и тешки натпревари, полека но сигурно влегуваме во посакуваната форма. Од меч во меч игравме се подобро, што резултираше на крајот со убедлива победа над Бугарија. На првата средба против Казахстан имавме малку потешкотии и неколку грешки, но тоа го поправивме на следните натпревари. Лично сум задоволен од тоа што го покажав во овие три натпревари, секогаш е чест да се носи дресот со државен грб. Тука се и моите соиграчи кои ми помагаат многу, сепак фудбалот е колективна игра и за успех не е доволен само еден играч. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, односот со селекторот е на едно високо ниво, секогаш треба да се слуша и почитува неговиот збор. Оваа репрезентација има квалитет и се надевам дека сите заедно во иднина ќе можеме да се радуваме на многу победи, – рече капитенот на У21 селекцијата Дарко Чурлинов.
Македонската селекција претходно ремизираше со Словачка, а изгуби од Казахстан. Турнирот во Анталија, Турција беше последен филтер во У21 селекција во пресрет на квалификациите за Евопското првенство, кои ќе започнат во септември.
OhridNews