Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски и предводникот на селекцијата до 19 години, Шкумбин Арслани следната седмица ќе организираат заеднички тренинг камп во Охрид за фудбалери од двете генерации. Во периодот од 17. до 22. декември на тренинг кампот ќе бидат вклучени околу педесетина фудбалери кои меѓусебно ќе одиграат и два контролни натпревари. Милевски и Арслани во понеделник ќе ги објават имињата на фудбалерите кои ќе бидат дел од кампот во Охрид.

Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски вели дека на претстојниот тренинг камп ќе бидат вклучени фудбалери пред сѐ од домашниот шампионат, но се следат и играчите од странство кои имаат наше потекло.

Со организацијата на тренинг кампот веќе започнуваме со создавање на новата генерација фудбалери кои ќе бидат дел од Македонија до 21 година. Во основата на таа генерација ги имаме фудбалерите кои беа дел од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2021, а тоа се Дарко Чурлинов, Филип Антовски, Марко Ѓорѓиевски, Давид Тошевски, Енис Фазлагиќ, Томче Гроздановски, а тука се и Денковски и Алчевски кои беа дел од последниот натпревар со Црна Гора, како и фудбалерите од генерацијата 2002, Славе Марковски, Виктор Крстевски и Марио Илиевски. Тоа се фудбалери кои дадоа голем придонес во остварувањето на одличните резултати во последниот циклус и второто место зад Шпанија во групата за ЕП.

На претстојниот тренинг капм ќе вклучиме околу 25 фудбалери, пред сѐ од домашното првенство, но секако ги следиме и младите фудбалери од странство кои имаат наше потекло и доколку можностите дозволуваат ќе ги вклучиме во работата со тимот.

Предност секако ќе им дадеме на фудбалерите кои имаат натпревари за екипите од Прва лига, но исто така ќе дадеме шанса и на играчи од Втората лига кои играат на позиции за кои сметаме дека сме лимитирани.

Јас се надевам дека ќе произлезат низа позитивни работи од овој тренинг камп, а сите ќе ја сфатат сериозно својата задача. Нивото на оваа репрезентација е веќе високо и секој мора да ја знае својата одговорност. – изјави селекторот на репрезентацијата до 21 година, Благоја Милевски.

Шкумбин Арслани, селекторот на репрезентацијата до 19 години вели дека тренинг кампот е одлична можност генерацијата да се собере и пред сѐ, тактички да се подготви за мартовските квалификации за пласман во Елитна фаза за Европско првенство, се разбира доколку УЕФА донесе одлука квалификациите да се одиграат во предвидениот термин.

Ова ќе биде одлична можност за двете генерации. За нас да се собереме и да продолжиме со подготовките, пред сѐ на тактички план за квалификациските натпревари во март во Чешка против домашната репрезентација, Данска и Албанија за пласман во Елитна фаза, се разбира доколку УЕФА овој месец реши тие квалификации да се одиграат. Но, исто така, тренинг кампот е одлична можност и за селекторот на репрезентацијата до 21 година, Благоја Милевски одблизу да го види потенцијалот на фудбалерите од генерацијата 2002.

Во селекцијата до 19 години ќе вклучиме 23 фудбалери и навистина очекувам дека ќе бидеме на добро ниво. Овој тип на тренинг кампови е исклучително битен и за нас како селектори, но и за фудбалерите да ги потврдат своите квалитети и да заслужат место во националите тимови. – рече  селекторот на македонската репрезентација до 19 години.

OhridNews