Селекциите на Македонија и Израел ги поделија бодовите ремизирајќи 1-1 (0-1) на стадионот во ФФМ во осмата рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство.
Избраниците на Благоја Милевски играа добро во првиот дел, но не успеаја да ја погодат целта. Затоа, израелците со голема помош од македонскиот голман Ристе Јанков стигнаа до предност после 45 минути игра. Прецизен за гостинската селекција беше Шеј Елијас во 21-та минута.
Погодокот на Израел за водство 1-0
Во второто полувреме двете селекции се разиграа. Шанси имаше на двете страни. Македонија не реализираше преку бековите, додека Израел пропушти пенал за зголемување на водството. Јанков го одбрани ударот од белата точка и ја остави Македонија во игра за позитивен резултат.
Награда за офанзивната игра за Македонија дојде во судиското продолежение. Јани Атанасов од слободен удар ја погоди мрежата на гостите и обезбеди реми и бод за македонската селекција.
Атанасов прецизен од слободен удар за 1-1.
Ремито не е позитивен исход бидејќи на Македонија и требаше победа со која сигурно ќе обезбедеше повисок рејтинг помеѓу второпласиранатите селекции од другите групи. Во деветтата рунда Македонија гостува во Израел.
OhridNews
Фото: Gol.mk