Охридскиот фудбалски состав, повторно ги засили своите редови ангажирајќи го Шериф Реџепи. 20-годишниот фудбалер во редовите на Охрид доаѓа од Гостивар. Тој ќе го заземе местото од Ујкан Муча, кој беше ангажиран во зимскиот преоден рок, но поради непрофесионалност и непочитување на договорот клубот го отпушти.
Реџепи потекнува од школата на Тетекс. Од „штофарите“ се преселил во Велазерими, а минатата полусезона ја помина во Гостивар. Реџепи дејствува во офанзивниот дел од екипата. Тој веќе играше за Охрид на контролните мечеви со Мачва и Караорман, а денеска го парафираше договорот со клубот.
Охридскиот фудбалски клуб му посака многу среќа и успех на Реџепи, додека за случувањата со Ујкан Муча на јавноста и се обратија со соопштение.
Како клуб сме разочарани од неговата непрофесионалност. Ние, ги исполнивме сите негови барања и барањата на Кораб. Тој дојде само еден тренинг и не се појави повеќе со образложение дека не му допаѓало во Охрид. Му понудивме уште неколку опции за да остане во Охрид. Играчите се понудија за помош, но тој ништо не прифаќаше. Долго време размислувавме како да го санкционираме, но одлучивме да го пуштиме затоа што за непрофесионални фудбалери, лица и спортски работници нема место во Охрид. – стои во соопштението од клубот.
Во зимскиот преоден рок Охрид ги доведе Раиф Мирселоски, Александар Василев, Дарко Симјаноски и Бурхан Алији.
OhridNews