Интернет страницата thisamericanlife.org тврди дека го знае целиот рецепт за планетарно популарната Кока Кола. Листата на состојките, како што тврдат, била објавена во локален весник во Атланта во 1979 година. Листата наводно ја напишал пријател на фармацевтот Пембертон, творецот на Кока Кола. Листата потоа се чувала со генерации. Една од клучните состојки, чиј состав го знаат само две лица, е наречена 7X. Мистериозниот додаток му ја давал на напитокот познатата арома.
Творците на интернет страната ништо не препуштиле на случајот, па го консултирале историчарот Марк Пендерграст, автор на книга за историјата на пијалоците, како би побарале стручно мислење за рецептот. Тој рекол дека тоа сигурно е една од верзиите за формулата за Кока Кола. Рецептот за познатиот пијалок грижливо се чува од почетоткот на 1886 година, а во секој момент постојат само две лица кои ги знаат најситните детали за аромата на пијалокот. Никогаш не патуваат со исти авион, како во случај на несреќа не би се изгубил рецептот засекогаш. Единствената службена копија на рецептот се чува во банка.