Творецот на компјутерскиот антивирус McAfee, Џон Мекафи, е уапсен од полицијата на централноамериканската држава Белизе под сомнение за убиство, објави неговиот официјален блог whoismcafee.com, пренесува „Макфакс“.

Според министерството за внатрешни работи на Белизе, Џон Мекафи го застрелал американскиот градежник Грегори Ваинт Фол во средината на ноември, а причината за инцидентот била расправија за кучиња. Претходно, американската телевизиска мрежа Fox News објави дека Мекафи е осомничен за вмешаност во нелегалната трговија со дрога во Централна Америка. Во последните неколку седмици тој се криел од властите.

„Добивме сѐ уште непотврдени (официјално) информации дека Џон Мекафи е уапсен на границата меѓу Белизе и Мексико“, се наведува во текстот објавен на блогот.

И претходно творецот на антивирусот McAfee имаше проблеми со законот. Според медиуми, во мај 2012, полицијата на Белизе го претресувала неговиот  дом и го привела Мекафи. Подоцна тој беше обвинет за нелегално поседување оружје и производство на наркотици, но потоа овие обвиненија беа повлечени.

Компанијата „McAfee“ развива антивирусен софтвер, а нејзиното седиште е во Санта Клара, во американската сојузна држава Калифорнија. Во февруари 2011 година, компанијата „Intel“ ја стекна сопственоста врз неа за сума од 7,68 милијарди американски долари.

OhridNews
извор:„Макфакс“