Социјалната мрежа Твитер oбjави интернет-аукција со стотици предмети од своето седиште во Сан Франциско, САД.
Статуа на познатото лого на платформата е понудена на продажба по цена од 11.000 долари, украсна жардињера во облик на знакот @ за 4.300 долари, а масички за кафе „Херман Милер“ се продаваат за 2.000 долари. Компанијата, исто така, има намера да продаде дел од опрема за печатење, па дури и наткасни со мали фиоки кои чинат 60 долари.
Продажбата следи откако новиот сопственик Илон Маск одлучи да ги намали непотребните работи во Твитер, но според упатените, и за да си ги врати влоговите. Тој лани ја купи компанијата за 44 милијарди долари.
Твитер, наводно, не платил наем на канцелариите ширум светот, вклучувајќи го и нивното седиште во Сан Франциско, каде што компанијата се соочува со тужби за неплаќање.
Претставникот на компанијата што управува со аукцијата, „Херитиџ глобал партнерс“ – Ник Дав, за списанието „Форчн“ изјави дека ова наддавање нема никаква врска со враќањето на трошоците.
Ако некој искрено мисли дека приходите од продажбата на неколку компјутери и столици ќе платат за куп долгови, тој е „морон“!, рече тој.
Откако ја презеде функцијата кон крајот на октомври, Маск отпушти околу половина од 7.500 вработени во компанијата и намали многу од придобивките, како што се бесплатните оброци. Во ноември, Маск објави дека Твитер бележи „голем пад на приходите“ по заминувањето на неколку огласувачи и предупреди дека компанијата може да банкротира.
OhridNews