Ј.П.„Охридски Комуналец“ кое веќе неколку дена не го подига отпадот од х.„Метропол“ информира дека причина за тоа е  што хотелот ангажирал друга фирма да го подига отпадот, која нема оваластување за подигање на отпад на територијата на Општина Охрид.

– За подигањето на отпад од страна на неовластен субјект на лице место излезе овластен претставник од Основниот Суд-Охрид кој го констатира истото. Проблемите кои се провлекуваат помеѓу хотел Метропол и Ј.П.”Охридски Комуналец” произлегуваат од неплаќање на обврските спрема јавното претпријатие од страна на хотелот кои според доспенаоста станаа енормни, за што е поднесена и тужба, а минатата недела на дел од паричните обврски се спроведе извршување, информираат од „Комуналец“.


Спорот помеѓу „Метропол“ и „Комуналец“ стигна до суд

 
Од таму објаснуваат дека во повеќе наврати минатата недела претставници на претпријатието  оствариле средби со менаџерскиот тим на хотелот, но до договор не дошло.

– Наместо да се најде заеднички јазик и ситуацијата да се разреши за да се подмири долгот од нивна страна, тие решение побараа во ангажирање на неовластенаа фирма за подигање на отпад на територијата на Општина Охрид. Субјектите кои егзистираат од туризмот сакаат и бараат “Препознатливо чист Охрид” и одржување на нивото на хигиена како што му доликува на еден туристички центар, но без да си ги подмируваат обврските. Во текот на летниот период и покрај максималната ангажираност, екипите на “Услужна Хигиена” секојдневно го подигаа отпадот од хотели Метропол , а се’ со една цел, во најубаво светло да се претставиме пред нашите гости, но за тоа треба да се погрижи и другата страна и да си ги подмири обврските, се вели во официјалното соопштение на Ј.П. „Охридски Комуналец“.

Од хотелот „Метропол“ се незадоволни од односот на јавното комунално претријатие и бараат градоначалникот Петрески да помогне во разрешувањето на спорот кој кулминираше за време на одржувањето на светската Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Иницијативата веќе стигна до Локалната самоуправа, ни потврди портпаролот на општината Никола Манески, кој во  изјава за OhridNews најави дека во текот на наредната ќе биде закажана средба на која ќе учествуваат претсавници на Ј.П.„Охридски Комуналец“ и на „Метропол“, како и градоначалникот Петрески со цел да се изнајде решение за непријатната ситуација.

OhridNews