По неуспешниот обид за воен удар во кој загинаа вкупно 265 луѓе од двете страни, приврзаниците на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган остануваат мобилизирани, а илјадници ја минаа ноќта во саботата на улиците од Истанбул носејќи турски знамиња и славејќи ја победата над заговорниците, додека властите уапсија речиси три илјади осомничени пучисти, пренесува „Макфакс“.

Состојбата во Турција е под контрола, откако ноќта кон петокот во Анкара и Истанбул дојде до судири меѓу побунетите војници, од една страна, и единците верни на владата и повеќе десетици граѓани кои излегоа на улиците да ги заштитат институциите и власта.

Црниот биланс од судирот не е мал за десетината часови колку што траеше обидот за воен преврат – 161 загинато лице и 1.440 ранети меѓу силите лојални на претседателот Ердоган и неговите приврзаници меѓу цивилите, додека според податоците на воените власти убиени се 104 бунтовници.

Сигнал дека состојбата е далеку од вообичаена во Турција, е тоа што и во неделата утрото беа затворени пристапите кон воздухопловната база Инџирлик, објавија САД кои поради тоа ги запреа воздушните операции против џихадистите на Исламската држава во Сирија и Ирак. Американските воени единици во Турција добија наредба да преземат максимални мерки за своја заштита.

Вкупно 2.839 војници се уапсени во врска со неуспешниот државен удар, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим, кој се закани дека „кукавиците ќе ги добијат казните што ги заслужуваат“. Турција, каде што се уапсени двајца од 17-те уставни судии, побара од Грција да ѝ ги предаде осумте офицери и подофицери кои пребегнаа со хеликоптер.

Турските власти обвинија дека имамот кој живе во егзил во САД, Фетулах Ѓулен, е одговорен за обидот за пуч. „Категорички ги одбивам тие обвинувања“, одврати овој поранешен голем сојузник на претседателот Ердоган, кој потоа стана негов најголем непријател за кој владата тврди дека предводи „терористичка организација“ и оти гради „паралелни структури“ во државните институции.

Во саботата навечер пред илјадниците приврзаници на азискиот – анадолскиот брег на Истанбул, претседателот Ердоган побара од САД да им го предадат на турските власти проповедникот Ѓулен. Вашингтон секогаш досега ги одбиваше таквите барања од Анкара, а во саботата ја повика турската влада да даде докази за евентуалната вмешаност на Ѓулен во организирањето на воениот преврат.

Иако официјално е објавено дека обидот за државен удар не успеал, Ердоган преку Twitter ги повика своите приврзаници и натаму да бидат „стопани на улиците, бидејќи новиот пробив на насилствата секогаш е можен“. Повеќе десетици илјади луѓе им се спротиставија на побунетите војници, а многу од нив саботата рано утрото го пречекаа на истанбулскиот аеродром Ердоган кој се врати од летувалиштето Мармарис.

Во петокот ноќта, малку пред полноќ, во соопштението на „турските вооружени сили“ беше прогласена вонредна состојба и полициски час и прекин на огнот во цела Турција, по распоредувањето на единците во Истанбул и во Анкара.

Пучистите го објаснија обидот за „целосно преземање на власта“ со потребата да се „воспостават уставниот поредок, демократијата, човековите права и слободи“. Меѓу уапсените се и највисоките воени команданти, вклучително и првиот човек на Вториот корпус кој ги чува границите на земјата кон Сирија, Ирак и Иран, наведе државната агенција Anadolu.

OhridNews
извор: „Макфакс“