Најмалку 103 турски генерали и адмирали се притворени во рамки на истрагата за неуспешниот воен преврат. Според податоците на турските медиуми, од споменатите приведени 103 генерали и адмирали, 43 офицери се веќе уапсени со наредба на судовите. Другите се испрашувани од иследниците. Вкупно во турските вооружени сили има 359 генерали и адмирали. На листата со имиња на приведените највисоки офицери, се гледа дека се од воздухопловството, копнените војски и морнарицата, и тоа од сите делови на земјата. Претходно, медиумите објавија дека се уапсени најмалку 12 генерали и адмирали. Во извештајот беше појаснето дека офицерите биле приведувани во текот на ноќта со одлуки на Истанбулскиот суд, но не се појаснува каде се извршени тие приведувања. Тие се обвинети за обид за воен преврат, обида за атентат на претседателот на земјата и убиства со умисла. Тие се осомничени дека учествувале во неуспешниот пуч кој се одвиваше ноќта кон саботата, кој заврши со 296 жртви на двете страни и 1.440 ранети главно цивили, по што над шест илјади луѓе се уапсени.
Во неделата ноќта беше објавено дека 70 адмирали и генерали се во притвор. Меѓу нив се и генералот Акин Озтурк, командантот на воздухопловните сили до 2015 година и член на Високиот воен совет, тело кое ги контролира турските вооружени сили, осомничен дека бил еден од организаторите и идеолог на заговорот. Тој е меѓу илјадниците припадници на вооружените сили кои се уапсени, вклучително и командантот на една од најзначајните воздухопловни бази „Инџирлик“ Бекир Ерџан Ван и главниот советник и аѓутант на претседателот Ердоган за воени прашања, Али Јазиџи.
Озтурк, роден 1952 година, требало да биде пензиониран на 30-ти август на состанокот на ЅАС, кој се состанува двапати годишно. Меѓутоа, се појавија информации дека тој наводно дознал дека бил истражуван поради можни врски со луѓето на проповедникот Фетулах Ѓулен кој живее во САД, обвинет од владата за создавање паралелни структури во правосудството, образованието, полицијата и армијата, како и за сегашниот обид за пуч, што тој го негира.
Како втор по важност меѓу организаторите на неуспешниот преврат се смета Мухарем Косе, поранешен правен советник на началникот на Генералштабот, соопштиле тројца високи функционери од Анкара. Тие го опишале Косе како следбеник на Ѓулен. Косе беше отстранет од должноста во март под обвинение за лошо постапување, но не отстранет од армијата. Во моментов турските власти немаат информации каде тој се наоѓа.
Турското министерство за внатрешни работи соопшти во понеделникот дека 8.777 лица се отстранети од должностите, вклучително и 7.899 припадници на полицијата и безбедносните служби. Овие бројки не ги вклучуваат припадниците на војската. Во саботата беше објавено дека биле отпуштени 2.745 судии. Притоа уапсени се 426 судии и обвинители низ цела Турција, од кои двајца се уставни судии, а само во Истанбул се уапсени 39 обвинители и 71 судија.
Медиумите јавуваат и дека 30 турски гувернери и повеќе од 50 високо рангирани државни службеници, исто така, се сменети од должностите во продолжување на чистката во државните институции која ја вети претседателот Реџеп Тајип Ердоган по неуспешниот воен удар најавувајќи најверојатно дефинитивна пресметка со она што тој го нарекува „паралелна структура“ во државата, алудирајќи на движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен кој се наоѓа во егзил во САД, но кој ја негираше својата вмешаност во настаните во Турција.
OhridNews
извор Макфакс