Анкара е подготвена да ја надомести штетата на Москва за соборениот бомбардер „Су-24“, изјави синоќа турскиот премиер Бинали Јилдирим, а откако Кремљ објави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му испратил на рускиот колега писмо со извинување за инцидентот и сочувство за смртта на пилотот, најавен е скорешен телефонски разговор меѓу двајцата државници, што вклучително со претходно во понеделникот потпишаниот во Рим договор за обновување на односите со Израел, укажува дека Турција се обидува да ги обнови прекинатите сојузништва и да го намали чувството на глобална изолација.
Како што пренесува „Макфакс“, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, синоќа изјавил дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако пред две седмици по повод Денот на Русија упати честитка до својот руски колега по должност Владимир Путин, испратил нова порака во која се извинува за соборувањето на рускиот бомбардер ланскиот ноември и жалење за смртта на пилотот, истакнувајќи дека Турција не сака да ги расипува пријателските односи и стратешкото партнерство со Русија.
Портпаролот на Ердоган го потврди писмото до Путин, но директно не го спомена извинувањето, што турските челници долго го исклучуваа како опција, а Москва го истакна како прв услов за продолжување на разговорите за обновување на односите. Портпаролот Ибрахим Калин рече дека Ердоан изразил жалење и побарал извинување од семејството на загинатиот руски пилот.
Еден од чекорите за нормализација на билатералните односи, руските власти ја наведуваа и потребата Анкара покрај извинувањето за својата постапка, и да ја надомести штетата. Слично и турско-израелскиот договор вклучува Израел да плати 20 милиони долари оштета за семејствата на десетте жртви и на семејствата на повредените во инцидентот од 31-ви мај 2010 година кога израелските командоси го заземаа бродот „Мави Мармара“ со хуманитарна помош кој сакаше да ја пробие блокадата на палестинската енклава Газа.
„Содржината на писмото е јасна. Ние го изразивме нашето жалење и доколку е потребно да платиме надомест (за соборениот авион). Двете земји сакаат нормализација на односите. Сметам дека работите одат на подобро“, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим за телевизијата ТРТ.
Претходно Јилдирим на Twitter објави дека во среда или четврток ќе се одржи телефонски разговор меѓу Ердоган и Путин.
„Оваа криза не од полза на турскиот и на рускиот народ. Во среда или четврток шефот на републиката ќе одржи телефонски разговор со господин Путин“, напиша турскиот премиер на микроблогот.
Односите меѓу Русија и Турција беа нагло прекинати и минуваат низ најдлабоката криза во билатералната сфера откако на 24-ти ноември 2015 година турските ловци „F-16“ на сириско-турската граница соборија руски бомбардер „Су-24М“. Москва тврди дека рускиот авион бил соборен над сириска територија каде што се урна и дека бил сочекан во заседа, додека Анкара тврди дека го нарушил турскиот воздушен простор.
Пилотот Олег Пешков, кој заедно со копилотот кој подоцна беше спасен во операција на сириските специјалци и руските маринци, беше убиен на земјата од бунтовници кои во сирискиот конфликт ги поддржува Турција. Путин овој инцидент го нарече „заривање нож в грб од страна на поддржувачите на тероризмот“ и воведе низа економски рестрикции.
Подоцна својата одговорност за убиството на рускиот пилот ја потврди Алпарслан Челик кој ги водел сириските Туркмени, бунтовници кои се поддржувани и вооружувани од Турција. Претходните години во тамошните медиуми се појавуваа написи дека во спомената област дејствува групата на ултранационалистите „Сиви волци“ кои ги предводи Алпарслан Челик, државјанин на Турција, роден во градот Кебан. Познато е, исто така, дека тој е син на поранешниот градоначалник на овој град, Рамазан Челик.
На почетокот од април годинава Челик беше уапсен во турскиот град Измир под обвинение за нелегално поседување и носење оружје. Во текот на истрагата тој тврдеше дека лично не пукал во рускиот пилот и не им наредил на своите потчинети, но сепак како командант на борбена група ја преземал одговорноста за тоа. Обвинителството на Измир го повлече обвинението за убиството против Челик „поради недостиг на докази“. Меѓутоа, токму во понеделникот, 27-ми јуни, турската истрага го обнови делото.
OhridNews