Повеќе десетици илјади луѓе се собраа во неделата во турскиот мегалополис Истанбул за да го поддржат премиерот Реџеп Тајип Ердоган додека траеја спорадични судири во градот ден по насилната евакуација на последните групи демонстранти во паркот Гези и плоштадот Таксим, пренесува „Макфакс“.

Како што јавуваат турските медиуми, на осумнаесеттиот ден од антивладините протести, одмерувањето на силите меѓу власта и демонстрантите од улиците продолжило во текот на целиот ден.

Приврзаниците на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) започнаа од раните попладневни часови да се собираат на местото на коешто премиерот Ердоган го држи говорот.

Истовремено и натаму продолжуваат судирите меѓу полициските сили и групите демонстранти околу плоштадот Таксим, епицентарот на движењето коешто веќе трета седмица протестира против владините политика, а кој во саботата власта го прогласи за забранета зона. Полицијата повеќепати употребила солзавец и водени топови за да го спречи приближувањето на демонстрантите кон плоштадот, известуваа медиумите.

Турскиот министер за внатрешни работи Егемен Багис во говорот на државната телевизија препорача да се избегнува доаѓањето на плоштадот Таксим и побара од демонстрантите да не се обидуваат да ги предизвикуваат полициските сили. Притоа нагласи дека секое лице коешто ќе се обиде да се пробие до плоштадот ќе биде сметано за член на „терористичка организација”.

Во главниот град Анкара, исто така, во неделата полицијата во неколку наврати растерувала групи од по повеќе стотини лица коишто се обидувале да се соберат на плоштадот Кизли.

Ноќта кон неделата премиерот Ердоган откако од партиски митинг на неговата партија во предградие на Анкара даде последен ултиматум, ,се закани дека ќе нареди акција на полицијата доколку демонстрантите не ги напуштат паркот Гези и плоштадот Таксим во Истанбул, два часа подоцна полициските сили со употреба на солзавец, водени топови и гумени куршуми ги испразнија двете локации.

Според координативното тело на движењето Платформа за солидарност со Таксим, повеќе стотици луѓе биле повредени во таа полициска акција, а гувернерот на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу во неделата соопшти дека биел повредени 44 лица.

Веднаш штом во градот се прошири информацијата за насилното евакуирање на паркот, десетици илјади жители на Истанбул во текот на ноќта излегоа на улиците во обидот да го запоседнат плоштадот Таксим. Целата ноќ полицијата продолжи со солзавец, водени топови и гумени куршуми да ги растерува луѓето од улиците.

OhridNews
извор:„Макфакс“