Спорeд најновите официјални податоци бројот на жртвите во вчерашниот катастрофален земјотрес што буквално ги срамни со земја турските градови Ван и Еркис, загинале над 270 луѓе, но се стравува дека конечниот биланс ќе биде неколкукратно поголем.

Во земјотресот повредени се над 1200 лица, но тој број постојано расте. Голем број жители на двата града останаа без покрив на главата па студената ноќ мораа да ја минат под отворено небо.


Во меѓувреме спасувачките екипи се во трка со времето. Потрагата по преживеаните оди тешко затоа што објектите се речиси целосно разурнати. Граѓаните се жалат дека нема доволно механизација, па урнатините се расчистуваат и со раце. Има сведоштва за вистински драми, како таа за урнатата четирикатница во Ван под која се наоѓаат четири преживеани деца до кои се обидуваат да стигнат спасувачките екипи.

Турската влада соопшти дека најтешко се погодени селата околу Ван каде 80 отсто од објектите биле изградени со глинени цигли. Погодените подрачја се без струја и вода, а лекувањето на повредените се врши на отворено.

Катастрофалниот земјотрес што вчера ја погоди Турција беше со интензитет од 7,2 степени според Рихтер. По овој на југот од земјата биле почувствувани уште стотина послаби потреси, меѓу кои и еден со јачина од 6 степени според Рихтер.

OhridNews