Турските власти наредиле затворање на 12 телевизиски станици, поради процената дека претставуваат закана за националната безбедност, јавува АР, повикувајќи се на турската државна агенција Анадолу. Турската агенција јавува дека државното тело за електронски медиуми наредило затворање на овие телевизиски станици поради наводната поврзаност со организациите за кои турските власти сметаат дека се терористички или, пак, ја загрозуваат националната безбедност.

Останатите турски медиуми јавуваат дека овие телевизии биле затворени поради поддржувањето на курдските и левичарските организации. Помеѓу затворените телевизии е и еден канал за деца кој синхронизира цртани филмови на турски и станици кои емитуваат курдска народна музика. Турската новинарска асоцијација ја осудила одлуката за затворање на станиците и соопштила дека „на удар се наоѓаат новинари кои не ги делат ставовите со владата“, додавајќи дека тие се апсат врз основа на лажни обвиненија.

Турските власти прогласија вонредна состојба после обидот за воен удар на 15-ти јули и од тогаш беа уапсени неколку илјади лица поврзани со организаторите на ударот, а беа затворени и над десетина медиуми. Властите во Анкара периодов, пак, овие мерки ги проширија и на оние кои ги поддржуваат Курдите.

OhridNews
извор Макфакс