Турските власти задржаа во притвор седум лица по убиството на  рускиот амбасадорот Андреј Карлов што се случи вчеравечер во Анкара. Родителите, сестрата, тројца роднини и цимерот на убиецот на рускиот амбасадор биле уапсени утрово, јавува турската агендија Анадолу. Членовите на семејството на убиецот Мевлут Мерт Алтинтас биле уапсени во турската југозападна провинција Ајдин, а по испитувањето биле одведени во регионалната безбедносна дирекција, рекол изворот на Анадолу, додавајќи дека цимерот на напаѓачот бил уапсен во Анкара.

Телото на убиениот амбасадор денес од Турција ќе биде префрлено во Русија. Во Анкара пристигнала делегација на руски истражители, односно тим од 18 лица кои заедно со турските претставници ќе учествуваат во истрагата за убиството на амбасадорот. Меѓу 18-те членови на рускиот тим има еден обвинител, двајца аташеа за безбедност, претставници на руското министерство за вонредна состојба, форензичари и психолози.

Доаѓањето на рускиот тим е договор на претседателите на двете земји, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин. Улицата во Анкара на која се наоѓа руската амбасада ќе биде наречена во убиениот руски амбасадор Андреј Карлов, изјавил во вторникот шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на почетокот на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

OhridNews
извор Макфакс