Економската размена помеѓу Македонија и Турција на годишно ниво изнесуваа околу 330 милиони долари, но таа може и мора да биде многу поголема, беше истакнато на Македонско-турскиот бизнис форум што денеска започна во Охрид.


Во своето обраќање пред турските бизнисмени, премиерот Никола Груевски истакна дека Македонија претставува привлечна бизнис-дестинација со квалификувана и релативно евтина работна сила, атрактивна даночна легислатива, стабилен деловен амбиент, и со големи бенифиции што ги добиваат странските инвеститори во технолошко-индустриските развојни зони. Премиерот Груевски пред  турските бизнисмени ги наведе преземените мерки во изминатиот период за подобрување на деловната клима, при што ги истакна и предностите што ги нуди Македонија за турските компании .


Според турскиот министер за надворешна трговија и инвестиции Зафер Чаглајан трговската размена помеѓу двете земји од сегашните 330 милиони долари за неколку години треба да биде најмалку милијарда долари. Турција во Македонија досега иневстирала 180 милиони долари, но според министерот Чаглајан, намерата е таа бројка до 2011 година да достигне половина милијарда долари. Тој порача деловните заедници на Турција и Македонија да ја интензивираат економската соработка и да ги искористат добрите политички односи помеѓу двете земји.


На  Македонско-турскиот бизнис форум учествуваат претставници од преку 100 турски и околу 200 македонски компании, кои се очекува да остварат и голем број меѓусебни средби. Меѓу присутните турски бизнисмени има заинтересирани за инвестирање во Охрид, во областа на туризмот и индустријата. Тие деновиве ќе ги разгледаат потенцијалите на градот од кој како што ни кажаа се воодушевени.

Ohridnews