Висока делегација на турската полиција која се наоѓа во официјална посета на Македонија, денеска го посети Охрид. Делегацијата ја предводи генералот Џелаетин Џерах-Директор на бирото за безбедност на Турција. Тој во придружба на директорот на бирото за Безбедност на Македонија, Љупчо Тодоровски, ги посети културноисториските знаменитости на Охрид: Плаошник, Античкиот тетар, црквата Света Богородица Перивлепта, куќата на Робевци и Теќето во старата чаршија. Попладнево турската делегација го посети СВР Охрид, каде беше примен од началникот Стефан Буџакоски.
Целта на посетата на турската полициска делегација е запознавање со работата на македонската полиција, размена на искуства и подобрување на соработката помеѓу двете полиции која е оценета како мошне висока. Како резултат на тоа досега се спроведени повеќе заеднички акции за разбивање на организирани криминални групи, информираа од македонското МВР.
„Во рамките на нашата успешна соработка, разменуваме експерти, а дел од македонските полициски офицери се школуваат на полициската академија во Анкара, што верувам ќе придонесе за уште подобра соработка“, изјави во Охрид генералот на турската полиција Џелаетин Џерах. Од Охрид турската полициска делегација замина за Тетово, а посетата на Македонија ќе ја заврши со средба со претставници на МВР утре во Скопје.
Г. Момироски
фото: васко Бујароски