Турската полиција трага насекаде по извршителот на терористичкиот напад во монденскиот ноќен клуб „Реина“ на самиот брег на Босфор, во кој досега загинаа 39 –мина, меѓу кои 15 странски државјани, а повеќе од 65 се повредени, од кои четворица се во тешка состојба. Увидот и анализата на лице место сѐ уште траат, патиштата во близина на ноќниот клуб се затворени за сообраќај. Во тек е балистичка анализа на оружјето на напаѓачот најдено на местото на нападот, јави дописникот на Макфакс од Истанбул.
Терористичкиот напад изутрината го осудија највисоките инстанци на државата подвлекувајќи ја решителноста за борба против тероризмот. Претседателот на државата Реџеп Таип Ердоан во пораката која ја упати подвлече дека „целта на нападот била да се создаде хаос“, но додаде дека „такво нешто нема да биде овозможено“. Вицепремиерот Нуман Куртулмуш во изјавата што ја даде за јавноста истакна дека сѐ уште не може да се каже која организација е во прашање, но упати порака дека кој и да е во прашање „во 2017 ќе им биде сотрен коренот“.
Според очевидците не се работело за напаѓач кој бил облечен како Дедо Мраз туку дека терористот бил облечен во црно одело. Напаѓачот дошол со такси до ноќниот клуб и потоа отворил оган врз обезбедувањето на клубот при што е убиен еден полицаец и уште две лица. Откако го поминал обезбедувањето почнал да пука во луѓето во клубот сменувајќи шест шаржера. Потоа во општиот хаос кој настанал по нападот исчезнал. Утрово, премиерот Бинали Јилдирим во својот кабинет во Истанбул одржа состанок во кој се направи оценка на немилиот настан, но не е издадено никакво соопштение во врска со настанот.
Додека сѐ уште никој не ја презел одговорноста за нападот во медиумите се прават анализи за начинот на нападот. Според оценките на експертите нападите на Исламска држава можат да се поделат на три вида: напади со возила, напади со бомбаши самоубијци и напади во ноќни клубови. „Новина е што во овој случај за првпат напаѓачот исчезнал и тоа може да наведе дека се работи за т.н. копиран напад од некоја друга организација“, изјави во својата оценка попладнево новинарот Невзат Чичек за турската телевизија НТВ. „Секој терор има цел, но освен првичната цел со него сака да се влее страв меѓу народот, тој е психолошка војна и фактот дека никој досега не презеде одговорност, наведува дека сака да се создаде психоза на несигурност со кој народот треба постојано да живее, а Турција да се перцепира како небезбедна земја однадвор“ истакна Чичек.
OhridNews
извор Макфакс